Македонија
26. August 2019 - 8:50

Пост и молитва како подготовка за Успение за пресвета Богородица

„Бoгородице дево, радувај се Благодатна Маријо, Господ е со Тебе, благословена си ти меѓу жените, и благословен е плодот на твојата утроба, зашто си го родила спасителот на нашите души“.

На секое влегување во православните цркви, христијанските верници му се молат на Бога и истовремено и се поклонуваат на Богородица. Христијаните, но и припадници на други верски заедници, кои и се молат на Мајката Божја и ја кажуваат молитвата „Богородице дево“ веруваат дека таа е чудотворна, онака како што се раскажува низ вековите. Мајката Божја е олицетворение на современата мајка која ги љуби, се грижи и страда за своите деца, исто онака како што Марија го правела тоа за Исус, особено во денешната реалност кога семејството, децата и жените се соочуваат со се поголеми предизвици што доаѓаат со менувањето и брзината со која се одвива животот.

Во втората половина на август православните христијани, особено верниците со своите мисли и молитви се насочени кон Мајката Божја, чие упокоение се одбележува на 28 август. Претходи постот, како подготовка за причест и литургија на денот на празникот. Во Македонија голем број цркви и манастири се посветени на Мајката Божја, а го празнуваат денот на нејзиното раѓање или упокојување.

Успение на пресвета Богородица

Секоја недела наутро и за време на православните празници верници од главниот град, но и околината се упатуваат кон едно од традиционалните излетнички и популарни места крај Скопје – Матка, каде веднаш на влезот во кањонот над патот, скриен од директните погледи на намерниците, се наоѓа еден од најубавите и меѓу најстарите манастири во скопската околина Успение на пресвета Богородица – Матка, кој датира од 1337 година. Верниците ги слушаат и се дел од литургиите што ги одржуваат свештени лица, најчесто од скопската епархија и монаси од манастирите во земјата. Монахињите кои му служат на Бога во овој храм, освен што го одржуваат манастирот, изработуваат и владички, свештенички и ѓаконски одежди и се што е потребно за црквите, а за што е потребно везење и шиење. Одежди изработени во овој манастир носат свештени лица и монаси од од земјава, од Америка, Русија, Австралија… Работилницата постои од 2008 година. Освен тоа тие од неодамна прават и инфузирани масла и креми. Бројаниците, медот и некои други пропратни работи се редовна дејност на монахињите, кои предводени од игуманијата Перпетуа, успешно го одржуваат и постепено го обновуваат и реновираат манастирот од 1998 година, кога е основана монашката заедница.

Деновиве тие со посебна посветеност се подготвуваат за празникот 28 август, денот на Успението на пресвета Богородица. Се чисти, се пере, се прават финалните договори за предвечерието и денот на празникот, кога таму се собираат многу граѓани и мештани од околината, а во последните години има и доста туристи и случајни намерници поради популарноста на ова излетничко и турстички место крај Скопје.

Игуманијата Перпетуа објаснува дека Богородица е заштитничка на Градот Скопје и на нивниот манастир. Животот на Мајката Божја бил во постојан подвиг и страдања бидејќи таа знаела за улогата на нејзиниот син на земјата и била подготвена за сите случувања од мачењето на Христос до распнувањето. После Христос таа е наредната која воскреснува со тело.

Подготовките за одбележувањето на празникот Успение на пресвета Богородица, како што вели, се одвиваат непречено и со помош на многу жители од околината и верници.

Скопјани, а особено жителите на Матка, околните села и ѓорчепетровци со гордост знаат да кажат дека во манастирот се собирале за овој празник и дека минувале по цели ноќи дружејќи се во име на Богородица. Таму ги носеле нивните родители, а тие нивните деца и внуци. Но, мора да се напомене дека народната традиција подразбирала и музика и по некое оро. Така било, а така е и денес. Но, верниците од пред повеќе години на 27 август, во предвечерието на празникот, можат да присуствуваат на вечерната богослужба, по која следува Духовна академија, по што почнува народниот собир, за што се подготвува посна трпеза. Околу 23:30 часот започнува сеноќно бдение кое трае до раните утрински часови на 28 август. Веќе во 8:30 часот започнува Божествената литургија со која најчесто чиноначалствува Архиепископот на МПЦ-ОА г.г. Стефан и која завршува околу 11:00 часот по причеста на верниците. Потоа во манастирот се дава ручек. Многумина што доаѓаат на литургијата и да запалат свеќа во малата црква во дворот на манастирот, се приклучуваат на традиционалната крводарителска акција.

Во подготовката на одбележувањето и на самиот ден на празникот на монахињите им помага и црковен одбор составен од локалните жители на Матка, како и многу верници кои се донатори или со свој труд сакаат да остават некаков траен белег во одржувањето на овој христијански празник и традиција, како што од секогаш било. Ретко кој, велат монахињите, бара да се спомене неговото име, освен за поголемите донации кога постои еден вид традиција тоа да се забележи.

-Во овие два дена во манастирот се чувствува голема љубов и посветеност, енергија што со себе ја носат мноштвото верници, и граѓани кои доаѓаат да и одадат почит и да се помолат на Богородица. Ова е еден од манастирите каде што секој може да го пронајде својот мир преку молитвите кон Бога и Мајката Божја, иако се наоѓа во излетничко место каде што доаѓаат многу туристи и граѓани, вели една скопјанка која често оди на литургија во малата црква која, како што вели, речиси секогаш е исполнета со верници, без разлика на далечината на градот и временските прилики. Во летните месеци таму доаѓаат многу повеќе верници, а тогаш литургиите се следат и од дворот. Често таму се слушаат и детски гласови, но и плач бидејќи таму семејствата ги крштеваат своите деца.

Манастир и споменик на културата

Манастирот Успение на пресвета Богородица кај Матка датира од 1337 година, a црквата ја изградил Бојко, господар на Матка, но тој не бил доволно имотен човек за да може комплетно да ја заврши целата црква и така таа останала нефрескописана. Од крајот на 14 и почеток на 15 век втора ктиторка на манастирот бил Милица која црквата ја нашла без покрив. Ја препокрила и ја фрескоживописала и купила имоти за манастирот – лозја. Во црквата преовладуваат фрески претежно на монаси пустиножители и преподобни што сведочи дека во тоа време манастирот бил активен и оти во него живееле и се подвизувале монаси (машка заедница). Затоа и фреските, освен на позициите кои се зацртани според правилата на црковното животописување кај што треба да стојат настани од животот на Господ Исус Христос, Успението на Пресвета Богородица, настани од евангелието, има позиции каде што е оставен слободен избор на светители и таму се одбрани монаси и пустиножители, како старец Онуфриј, Свети Марко Трачески, Света Марија Египетска…

Во црквата има фреска на која ангел му јавува на Ава Пахомиј, којшто е основоположник на општежителното монаштвото, како монасите треба да се облекуваат. Многу е краток периодот кога во манастирот Успение на Пресвета Богородица кај Матка немало монаштво. Во педесетите години во манастирот имало српска монахиња, а по нејзиното повлекување краток период таму немало монаштво. На крајот на седумдесетите и почеток на осумдесетите кратко време во манастирот живеел отец Гаврил Светогорец кој претежно одел и се подвизувал по пештерите со кои изобилува кањонот. Тој во манастирот живеел заедно со неговиот татко кој исто така се замонашил, монах Кирил. Во 1998 година, пак, е основана монашка заедница во манастирот, кој сега има женска обител. Типикот е аскетско-исихастички и се што прават монахињите, прават со постојана исусова молитва. Од 2088 година започнува реализацијата на атељето за изработка на свештени одејанија.

Духовно светилиште популарно за туристите

Се поголем број туристи доаѓаат да го посетат кањонот Матка крај Скопје, а голем дел од нив се упатуваат и во овој манастир. Тој исто така е атрактивен и за бројни официјални делегации кои доаѓаат во Северна Македонија, а за  нив интересно е атељето каде што се изработуваат свештеничките одејанија, но и други везени и шиени производи: Дел од нив се изложени во малата продавничка која се наоѓа непосредно до самиот влез во манастирот. Таму исто така се продаваат и инфузирани масла и креми, бројаници, темјан, духовна литература…

-Мацерирани, односно инфузирани масла или масла со чија помош се врши екстракција на медицинските, терапевтските и аромативните својства на билките, растенијата и цвеќињата како и задржување на нивните богати бои и убави миризби. Крајниот резултат во голема мера варира во зависност од тоа што користи, објаснува игуманијата Перпетуа.

Добиените мацерати, како што објаснува таа, се многу покомплексни од есенцијалните масла бидејќи содржат флавоноиди и глукозиди.

-Во манастирот се прават масло од смирна, смиљ, цимет, гоџи бобинки, ловор, лаванда и жалфија. Секое од овие масла има различни придобивки за здравјето на еден човек од  антиоксидантни, антифунгални, антивирусни, антиинфламаторни, антипаразитарни, респираторни, дигестивни, имунолошки, антидепресивни, до помагање во борбата со дијабетис и различни типови на канцерогени заболувања. Се изработуваат и креми кои се на база на пчелин восок и некои од маслата кои се прават во манастирот, вели игуманијата.

За здравје или за спомен верниците или туристите на заминување влегуваат во продавничката да купат нешто за себе или за своите најблиски.

Секој од нив мирот, спокојството, љубовта и посветеноста можат да ги почувствуваат и да ги видат уште при самиот влез во овој духовен храм. Зеленилото и цвеќињата во предворјето на манастирот го навестуваат спокојството и мирот, кои во деновите кога нема многу луѓе, ги нарушуваат само песните на птиците и жуборењето на реката Треска. Оваа слика станува комплетна во самиот двор на манастирот, кој изобилува со цвеќиња, дрвја, клупи за починка на намерниците… Од десната страна се наоѓа камбанаријата, обновена пред десетина години, а на само неколку чекори до неа малата црква, во која доколку се задржите некоја минута ќе почувствувате вистинска благодет и мир. Спроти се наоѓаат манастирските конаци.

Игуманијата Перпетуа вели дека тие постојано работат на одржливост на манастирот што исто така подразбира и континуитет во обновување и реновирањето на манастирските објекти.

-Во текот на оваа година се застакли горниот конак и се направи импрегнација и заштита на целата дрвенарија на конаците. Се направи нова водоводна инсталација од изворот до конакот. Со Божји благослов во план е санација и реставрација на фрескоживописот во манастирската црква за наредната година, а изградбата на новиот трем полека ќе се реализира како ќе дозволат условите, наведува игуманијата Перпетуа.

Елизабета Вељановска Најдеска/MИА