Православните и католичките верници годинава го слават Велигден на ист ден

Оваа година и православните и католичките верници го слават Велигден на ист ден - 20 април. Ваквото поклопување не се случува често, бидејќи источната и западната црква користат различни календари (јулијански и грегоријански), но годинава датумите се совпаѓаат.
Двата најважни празници во христијанството се Божиќ и Велигден, денот на раѓањето и денот на воскресението на Исус Христос. Датумот на Божиќ е утврден - тоа е 25 декември, и во јулијанскиот и во грегоријанскиот календар.
Велигден, пак, секоја година паѓа на различен датум, што многумина збунува. Иако секогаш се слави во недела, правилата за одредување на датумот на овој празник не се едноставни - тие вклучуваат астрономија, математика и вековна црковна традиција.
Велигден мора да падне по пролетната рамноденица, во неделата по полната месечина, на 14-тиот ден од еврејскиот месец нисан. Но, постојат неколку причини кои дополнително го комплицираат сето ова. Како прво, астрономските набљудувања не се користат за одредување на денот на пролетната рамноденица и полната месечина, туку Велигденски таблици - јулијански и грегоријански. Затоа, може да се случи „црковната“ полна месечина да се разликува од реалната и до неколку дена, што директно влијае на датумот на празникот.
Втората, најважна причина за разликата во датумот на „православниот“ и „католичкиот“ Велигден е еврејскиот празник Пасха. За православните христијани, Велигден мора да биде по празникот Пасха - кој е клизен, според еврејскиот лунарен календар. Тоа има и длабоко теолошко значење, бидејќи Христовото воскресение се случило по Пасха. На овој начин се зачувува хронолошкиот и симболичкиот редослед на библиските настани. На оваа пресметка за славење на Велиден по Пасха се придржуваат и православните цркви кои го прифатија Грегоријанскиот календар за празнување на Божиќ.
Католичката црква не ја смета оваа врска задолжителна, па затоа Велигден понекогаш паѓа и пред Пасха.
По годинашното совпаѓање, догодина православната и римокатоличката црква, повторно различно ќе го слават Велигден. Православните верници Воскресението Христово во 2026 година ќе го одбележат на 12 април, а католичките една недела порано на 5 април.
Последното славење на Велигден на ист ден беше во 2017 година, а следното ќе биде на 16 април 2028.
Ново на Сител
-

Тошковски и Руф ја потврдија заложбата за продлабочување на македонско-австриската полициска соработка
-

Обвинителството бара притвор за Ива Михаилова
-

Бензините и дизелот остануваат со исти цени, поскапува само мазутот
-

ДЗС: Чекор напред - со меѓународната соработка кон посилни институции и побезбедна иднина и при заштита и спасување при катастрофи
-

До петок постудено со повремен дожд, а на планините снег
-

Револуционерно откритие од Јапонија: Создадена пластика која се раствора во морска вода за само неколку часа
-

Груби денеска излегува од куќен притвор
-

„Мета“ со нови ВИ-модели како соперници на „Опен-АИ“ и „Антропик“
