Протест на жители на Вељуса заради кражби на нивите
Жители на селото Вељуса денеска со протест и едночасовна блокада со трактори на влезот во населеното место ги искажаа својот револт од зачестените кражби на нивните ниви. За кражбите тие обвинуваат жители од селото Баница, кое од нивното е оддалечено неколку километри, но и нивни соселани.
-Повеќе години со ред се соочуваме со кражби на нашите ниви и посеви. Последната беше вчера, која е трета по ред откако почнавме со берба на црешите. Не само што ми се обрани црешите, туку искршени се и дрвјата. Нашето село е познато по производство на цреши и веќе имаме договори со трговците за испорака, но доколку и понатаму продолжи уништувањето на нашите насади тешко дека оваа култура ќе има иднина, рече Златко Станков, жител на Вељуса и поголем производител на цреши.
Смета дека кражбите ги вршат неколку жители од селото Баница, а тие редовно пријавувале во полиција. Како што вели, досега ништо не е преземено, бидејќи проблемот се провлекува со години.
-Треба преку дебата да изнајдеме решение и заедно со пратениците од овој регион да се направат законски измени кои ја третираат оваа проблематика. Само така можеме да дојдеме до некое прифатливо решение, посочи Станков.
Друг жител на Вељуса се пожали дека поради кражбите и нападите не можат жените да ги пуштат сами на нивите.
-На земјоделецот работното место му е на нивата, а човек не смее сам да појде на работното место. Затоа, мораме цели да семејства да одиме на нивите или во придружба. Заради тоа бевме принудени да се откажеме од производство на пиперки и бостан и се ориентиравме на овоштарство, рече земјоделецот Ристо Тасев.
Додаде дека порано кога била активна месната заедница сами се организирале и ги чувале своите ниви, но сега не можат тоа да го прават бидејќи месните заедници немаат такви ингеренции.
Вељушани бараат итно да се најде решение за нивниот проблем. Досега имале средби со полицијата и Општина Струмица, но проблемот не е решен. Порачуваат дека се чесни земјоделци и редовни ги плаќаат давачките кон државата и затоа бараат од неа да им го реши проблемот со зачестените кражби на нивните ниви.
Ново на Сител
-
Обвинет за убиствата на Вања и Панче е во болница, неизвесно е дали ќе има судење
-
Стримичани вода за пиење ќе добиваат преку цистерни и канистери
-
Тема на денот со Орце Ѓорѓиевски, претседател на ЗЕЛС
-
ОКТА со современа лабораторија ќе го испитува квалитетот на дизелот
-
Отворен регионален центар К9 за дресирање кучиња во Ѓорче Петров
-
Поднесено обвинение против две лица за дивоградба во Охрид
-
Преглед на вестите од светот
-
Се стопираат огласите со „Балансерот“ критериумите - Министерство за администрација издаде насоки до институциите