Македонија
1. October 2016 - 13:09

Реакција од САДУ за односот на министерката Ташевска Ременски

Синдикатот на администрацијата и државната управа на Македонија (САДУ) во денешната писмена реакција упатува протест до министерката за труд и социјална политика Фросина Ташевска Ременски за, како што велат „нејзиниот  одмазднички однос кон нивната синдикална организација“.

- Синдикатот на администрацијата и државната управа на Македонија ви упатува најостар протест за вашиот одмазднички и прогонувачки однос кон нашата синдикална организација во рамки на Министерството за труд и социјална политика. Иако често и самата во вашите јавни излагања и настапи потенцирате колку е важно да синдикалните движења ги застапуваат барањата на работниците, но очигледно овој ваш став не се однесува на сите синдикати, стои во денешната реакција од САДУ.

Од Синдикатот посочуваат дека министерката за само еден месец двапати грубо ги повредувила правата на вработените во Министерството за труд и социјална политика.

- Без никакво образложение се дрзнавте да го отстраните претседателот на синдикалната организација на САДУ од МТСП со ваша еднострана одлука откако претходно ви се спротистави на притисоците врз вработените кои ги правевте за да ги прекинат своите годишни одмори сосема спротивно на Закон што впрочем претставува негова должност. Ова е незамисливо и невидено и во најтоталитарните општества да се казнува синдикален претставник само затоа што истапува во одбрана на правата на работниците, стои во реакцијата од САДУ. 

И овој чекор, како што велат од Синдикатот, доаѓа токму од министер кој раководи со Министерство кое треба да биде најголем промотор на работничките права и партнер на синдикатите.