Македонија
4. December 2016 - 13:32

Спасовски: Државна помош за малите и средните претпријатија

Носителот на кандидатската листа на СДСМ и Коалицијата „За живот во Македонија“ од Втората изборна единица Оливер Спасовски и кандидатите за пратеници денеска во Куманово презентираа мерки од програмата наменети за развој на малите и средни претпријатија.

Спасовски најави државна помош во висина од 140 милиони евра за малите и за средните претпријатија.

- Наместо пропаднати проекти, СДСМ преку „Планот за живот во Македонија“ нуди вистинска и суштинска помош за малите и средни претпријатија. Домашните претпријатија се моторот на целокупната економија и затоа се обврзуваме на државна помош во висина од 140 милиони евра наменети за малите и средни претпријатија, рече Спасовски.

Најдобрите бизнис идеи, како што појасни, ќе бидат поддржани со 10.000 евра неповратни средства и нагласи дека во програмата е опфатена мерка со која се овозможува отворање на фима со основачки капитал од само едно евро.

Најави и отворање на старт-ап центри каде што новите фирми ќе користат бесплатен простор и правни и сметководствени услуги, а, како што посочи, ќе ги преполоват казните и ќе ги вратат опомените.

Спасовски рече дека домашните компании се двигателот на економскиот раст и додаде дека ќе создадат респектабилни фирми кои ќе го движат растот на економијата.