Балкан
23. November 2016 - 14:28

Столтенберг: Србија е извозник на стабилноста

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денеска по состанокот со српскиот премиер Александар Вучиќ во Брисел, изјави дека Србија е извозник на стабилност во регионот на Балканот.

Столтенберг истакна дека НАТО ја почитува воената неутралност на Србија и изрази жалење поради невините жртви за време на НАТО кампањата, односно бомбардирањето врз некогашна СРЈ. 

Тој на заедничката прес-конференција со Вучиќ во Брисел изјави дека целта на воздушните акции на НАТО во 1999 година била заштита на цивилите, во што, како што рече, се успеало.

- Губењето на животите на невините луѓе беше трагедија и поради тоа длабоко жалам, рече шефот на НАТО. 

Тој нагласи дека Србија е во срцето на Балканот, што е во срцето на Европа и додаде дека земјата значително придонесува за различните начини на регионална стабилност.

Порачувајќи му на Вучиќ дека е добредојден во седиштето на НАТО, Столтенберг изјави дека српскиот премиер имал одличен состанок со претставниците на Атлантскиот совет и оти тоа е прва средба на премиерот со тоа тело.