Бизнис
6. February 2017 - 14:11

Стопанската комора со Иницијатива за поврзување на претприемачите од регионот

 Немањето модерна железничка инфраструктура е најголемата пречка за развој на бизнисот во регионот зашто Балканот е слабо поврзан, а интеграциите не се на задоволително ниво, беше речено денеска на прес-конференција во Стопанската комора.

Според оперативниот директор Елена Милевска Штрбевска, освен недоволната инфраструктурна поврзаност, бариери се и ограниченоста на пазарот, недостигот од деловно искуство, како и послабите дипломатски мрежи. 

Овие и други прашања ќе бидат отворени на претстојната тркалезна маса „Позицијата на малите земји во меѓународната економија - предности и недостатоци“, закажана за 17 февруари, кога се одбележуваат 95 години од коморското здружување во Македонија. Тркалезната маса ја организира Стопанската комората и на неа ќе биде промовирана Иницијативата за поврзување на претприемачите од малите земји.

- Мора да се зголеми деловната соработка и да се поврзат претприемачите од малите земји за заеднички да работат на унапредување на економските односи. Факт е дека условите за водење бизнис во малите држави чие население брои помалку од десет милиони, се разликуваат од оние во големите. На мал пазар ретко се случува да се заработи основен капитал за проширување на деловните активности, а големите земји и нивните големи деловни субјекти често ја искористуваат својата моќ на меѓународните пазари со што ги ставаат помалите во нерамноправна положба. На малите земји, исто така, при нивното меѓународно интегрирање, често им се наметнуваат мерки кои се штетни за нивните бизниси и деловни иницијативи, нагласи Милевска Штрбевска.

Заедничко планирање на инфраструктурата, заеднички настап за привлекување странски инвеститори и обезбедување услови за заштита на меѓународните вложувања, напомена директорката, се неопходни за унапредување на економските односи во регионот.

Иницијативата за поврзување на претприемачите од малите земји на Стопанската комора произлезе од состанокот на групата бизнисмени од Македонија, Србија, Хрватска, Црна Гора, Словенија, Албанија и БиХ, одржан во јануари 2015 година, на предлог на претседателот на Комората Бранко Азески. Идејата беше, информира директорката, да се поразговара и да се изнајде начин како да им се овозможи на бизнисите да бидат поефикасни. Заклучокот бил дека нема јасно утврдени приоритети, дека се поставуваат неостварливи цели и дека треба да се промени стратегијата во правец на одење чекор по чекор, наместо расплинување на сите страни.