Судски совет ќе испитува грешка кај судијката која за продажба на дрога одредила казна поправен дом
Комисија на Судски совет ќе испитува дали судијката која му судела на возачот што ја прегази Фросина, погрешила кога за продажба на дрога го казнила Васил со упатување во попоравен дом. Судиите Данка Ристова, Антоанета Димовска и Ханиф Зендели добија обврска да направат увид во предметот на Даниела Алексовска Стојанова.
Од судскиот совет, велат, процесот ќе се води претпазливо бидејќи се уште се чекала одлуката на Апелациониот суд..
„Треба внимателно да постапува комисијата, да не создаде притисок врз апелационите судови бидејќи тие нормално треба да одлучат по таа првостепена пресуда. Ако е добра, ќе ја потврдат. Ако сметаат дека не е во ред, дека постојат одредени повреди на постапката ќе ја укинат, или можеби ќе ја преиначат. Затоа комисијата треба внимателно да изврши увид и откако ќе направи ќе изготви свој извештај. Не сакаме да почуствува притисок Апелациониот суд и од наша страна, доволен е притисокот што веќе го има од јавноста“, изјави Александар Камбовски, Претседател на Судски совет.
Предметот во кој Васил се гонел за продажба на дрога пак, ќе влијае и врз обвинението за прегазувањето на 22 годишната девојка. Од тоа ќе зависи и висината на изречената казна, вели државниот обвинител Коцевски.
„Ќе се проверува се што е од интерес за постапката. Што значи, сите факти и околности ќе се имаат во предвид затоа што при определување на казната, не само судот, туку и јавниот обвинител ќе ги има во предвид сите околности. Затоа јавниот обвинител ќе ги презема сите дејствија во поглед на обезбедување на цврсти докази, иако, состојбата во оваа фаза е јасна и сите докази одат во корист на обвинителството“, изјави Љупчо Коцевски, Јавен обвинител на Јавно обвинителство на Македонија.
Во меѓувреме, Здружението на судии е загрижено поради оцрнувањето на одреди судии. Сметаат дека вина за системските проблеми во сообраќајот не смее да се препише само на судството, бидејќи несреќите биле поврзани уште со инфраструктурата, превенцијата и свеста на учесниците во сообраќајот.
„Јавната осуда на судија не смее да биде иницирана и поткрепена од непотврдени шпекулации, односно без претходно да биде утврдена личната и професионална одговорност на судијата во конкретен случај“, велат од Здружението на судии.
Фросина загина откако во неа со голема брзина удри автомобил со кој управувал 20 годишниот Васил Јованов. Обвинителството ќе го гони за сообраќајка направена со умисла.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар