Македонија
7. December 2025 - 16:35

ВМРО-ДПМНЕ негира дека ќе се градат бегалски кампови, СДСМ тврди дека се подготвува национално предавство

ВМРО-ДПМНЕ категорично негира дека Македонија ќе гради кампови за британски мигранти.Пратеникот Милошоски вели дека стратешкиот договор со Велика Британија предвидува инфраструктурни проекти, но за изградба на железници, автопатишта, болници, а не за мигрантски кампови. Договори за борба против организирана нелегална миграција, Британија има потпишано со сите земји од регионот и од Европската унија.  

Британија откако излезе од Европската Унија, со сите земји од Западен Балкан, но и со самата ЕУ случува вакви договори, каде што Британија ја враќа легалната основа на Фронтекс, таму каде што Македонија и земјите-членки и земјите-кандидати на ЕУ, имаат легална основа за борба против организирана, нелегална миграција и заштита на границите, тоа го прави Британија со овој дополнителен механизам, кој што е комплементарен со Фронтекс. И на крај, нема подобар демант за ваквите спинови на некои опозициони партнери, од изјавата на британскиот амбасадор, дека британско-македонскиот стратешки договор, потврдува и предвидува инвестирање во инфраструктура, во економија, безбедност и образование, но не предвидува бегалски кампови во Македонија“, вели Милошоски

Од СДСМ пак не отстапуваат од тврдењето дека власта подготвува анти државно и национално предавство. Опозицијата прашува кој му дал на Мицкоски право да преговара за мигранти.

Ова ли е големата економска вест која Мицковски ја најавуваше со наводниот договор со Обединетотот Кралство? Дали за носење мигранти од Британија е направена проценка на безбедносна. Дали се предвидени ризиците и најважното дали имаме одговор на прашањето – Зошто Британија ги одбила, а ние би ги примиле. Развиени и финансиски силни европски дрѓави Шведска, Британија, Германија, имаат огромен проблем да се справат со овој предизвик, нивните граѓани протестираат секојдневно за овие проблеми. Британија има прва проблем со мигрантите кој трае предолго. Ако овие високо развиени земји не можат да се справат со проблемот нема да може ниту Македонија. Ова општество НЕ МОЖЕ да го издржи ова. Нема цена што треба да се плати!, вели Богданка Кузеска портпаролка на СДСМ. 

Темата дека Македонија ќе стане прифатилиште за мигрантите кои во Британија не добиваат азил, ја актуелизираа британските медиуми со тврдење дека земјава ќе добива пари за секој примен мигрант, а за возврат Македонија ќе треба да им овозможи да добијат азил или работни дозволи во сектори во кои има недостаток на работници. Владата ги негираше овие тврдења, а од Британската амбасада испратија соопштение во кое се вели дека двете држави соработуваат во борбата против организирана нелегална миграција, но без повеќе детали.