Македонија
17. March 2025 - 17:28

Во 9 странски држави хоспитализирани повредени од пожарот во Кочани

Половина од повредените во пожарот во Кочани хоспитализирани во медицински центри во 9 држави. Тоа се критични пациенти со изгореници од втор и трет степен, некои на респиратор кои се под буден надзор и третман од лекарски тимови во Софија, Ниш, Белград, Солун, Анкара, Истанбул, Варна, Пловдив, Виена, во болници во Литванија, Словенија, Хрватска, каде беа транспортирани авионски и со возила на Брза Помош. Министерот за здравство денеска ќе оди во посета на хоспитализираните во Бугарија и Србија а доктори од овие болници веќе информираа за нивната состојба. 

-  Седуммина беа под третман во операциските сали. Повредените кои се префлени во УЦ имаат изгореници од два до 28 отсто на телесната површина и тоа е иницијална проценка од ноќеска. Дел од повредените имаат изгореници на горните дишни патишта, изјави утрово Милан Стојичиќ, директор на Клиниката за изгореници, пластична и реконструктивна хирургија во Универзитетскиот Клинички центар на Србија.

Состојбата на сите пациенти е тешка, со изгореници на телото, горните екстремитети и лицето, како и на горните и долните дишни патишта, што дополнително ја комплицира нивната здравствена состојба, изјави Валентин Димитров, директор на УБ Пирогов - Софија.

Здравствените власти повторно кажаа дека и да имаме Центар за изгореници, не може да биде доволен поради големиот број на повредени. 

- И да имавме центар за изгореници, ќе имавме 4-5 бокса за повредени, изјави Сашо Клековски, директор на Фонд за здравство
Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски информира дека на седница на Влада ќе предложи од страна на СОЗР да бидат подмирени трошоците за пат и престој во странство за членови на семејствата на повредените пациенти. 

Исто така и групата Превод – кога е најпотребен, се понудија за бесплатен брз и професионален превод на медицинска документација како и пораки за комуникација со болниците во странство за семејствата на повредените.