Во Македонија се уште е слаб интересот за волонтерство
Волонтерството во Македонија се уште е во низок стадиум. Таргет група за волонтеризам се младите луѓе, кои треба да се вклучат во активности за да се развиваат самите себе си, но и заедницата и околината во која живеат и творат. Проблемот е во малите можности и незаинтересираноста на работодавачите.
-Многу голем дел од работодавачите не го ценат волонтерството, можеби затоа што не е подигната доволно свеста за тоа кои се се бенефитите од волонтерите, кои низ волонтерската работа ги градат своите капацитети, способноста за тимска работа, организациски способности и практични вештини, што навистина би биле корисни за работодавачите, изјави Драгана Митровиќ од Граѓански ресурен центар.
Штипските акцијаши ветерани сметаат дека оваа активност е замрена повеќе од 30 години, но оптимисти се дека може повторно да заживее.
-Акцентот го ставаме на младите, да им се покажат позитивните работи од тие акцијаштва и волонтерското воопшто активирање и мислам дека се покажуваат првите резултати – изјави Никола Кангалов, Здружение акцијаши-волонтери „Патот на младоста“ - Штип.
За младите волонтери мотивација е хуманиот аспект на акцијаштвото.
Сакам да помагам во областите каде е потребно. Овде не е само работата, туку и дружењето што го стекнуваме. Како волонтер имам учествувано на повеќе акции – изјави Бојана Николова, Здружение акцијаши-волонтери „Патот на младоста“ – Штип.
Примарен организатор на волонтерството кај нас се граѓанските организации, кои и самите се волонтерски и им недостасува развиен систем за регрутација, прием и поддршка на волонтерите и искористување на тој хуман капитал.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар