Македонија
20. October 2016 - 20:09

Во Охрид отворена Меѓународната конференција „Свети Климент Охридски – Милоста и милосрдието во Библијата и во Црквата“

По повод 1.100 години од блаженото упокојување на свети Климент Охридски – великиот ученик на светите браќа Кирил и Методиј, во Охрид денеска беше отворена Меѓународна конференција „Свети Климент Охридски - Милоста и милосрдието во Библијата и во Црквата“, организирана од Православниот богословски факултет „Свети Клиемнт Охридски“ од Скопје.

Пред учесниците на собирот, научници и теолози од богословските факултети при Универзитетите од Букурешт, Рим, Загреб, Белград, Санкт Петербург, Софија, Солун и Скопје, се обрати претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов.

Иванов истакна дека потсетувањето на делото на голем народен светител и просветител,  св. Климент Охридски, треба да ни помогне во заложбите да се остане верен кон трајните и вечни морални и етички принципи и вредности што нераскинлив дел од учењето што го проповедал светителот.

- Борбата за правда е основна нитка и во македонската приказна. Не случајно во нашата химна е опеано дека „Македонците се борат за своите правдини“. Не случајно, сите македонски манифести и прогласи повикуваат на правда за Македонија. Не случајно, сите наши востанија биле подигнувани за остварување на човечките правдини. И таа правда се постигна, кога пред 25 години, Република Македонија стана независна и суверена држава. Со тоа се исправи една голема историска неправда кон народот на Македонија. Но, цели 25 години, не огорчува кога како држава се соочуваме со неправда. Кога ни се оспорува името, идентитетот, правото на самоидентификација, правото на човечко достоинство. Не огорчува кога сме неправедно блокирани во нашите европски и евроатлантски интеграции. Нè огорчува кога гледаме како ни се оспорува минатото, ни се блокира сегашноста и ни се одзема иднината, рече тој.

Зборувајќи за современите општествени процеси, Иванов забележа дека глобализацијата создава генерации кои израснуваат со консумеризам, морален релативизам и екстремен индивидуализам, во свет кој е полн, со луѓе кои се полни со самите себе, каде личниот успех е се, а карактерот е сведен на прашање на личен избор.

- Постмодернизмот ги подри темелите на концептот на правдата, моралноста и милоста, кои се вулгаризирани.  Затоа, да се потсетиме на пораките на св. Климент. Да се потсетиме на сето она што тој ги учел нашите предци. На едно место тој вели: „со љубов еден кон друг да се натпреваруваме, со милостина и чистота умот свој просветлувајќи го, да го впериме угоре.“ На тоа, денес ќе додадам, да се воздигнуваме, наместо да тонеме. Да ги градиме нашите општества и држави во височина, со највисоките етички, морални стандарди и вредности, истакна претседателот изразувајќи уверување дека секој од учесниците на оваа меѓународна конференција ќе додаде барем едно камче во мозаикот што ќе го приближи ликот и делото на Св. Климент Охридски и милоста на која тој укажува.

Обраќање пред учесниците имаше и поглаварот на МПЦ, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, кој истакна дека Свети Климент е меѓу најзначајните за началото на црковното организирање и духовниот живот, и овде, на овие простори, и подалеку меѓу словенските народи и земји.

- Тој е меѓу челниците на сѐ што е големо и спасоносно во нашето минато и останува заштитник на нашата сегашност и иднина. Великаните не се такви само додека се живи, туку, преку своето дело – како такви се потврдуваат и во времињата потоа. Свети Климент таков бил и на Плаошник и низ Кутмичевица, таков се покажал до каде што стигнал тој или неговото дело. Целиот негов живот е исполнет со богоугодни подвизи, од кои веќе 11 столетија се напојуваат продолжувачите и почитувачите на неговото дело, рече архиепископот Стефан.

Тој изрази неизмерна благодарност до Светителот заради тоа што не направил наследници на чудесно и бесценето духовно богатство коешто не познава граници и кое колку повеќе се користи, толку повеќе се зголемува.

- Тој богодадендар е голем и вреден, поголем и поскап од секакво злато и сребро, скапоцени камења и минливо богатство,, но е дар кој за возврат не бара фалби, туку одговорно продолжување. Конечно, свети Климент од нас очекува и писменост и одговорност, и образование и воспитание, и решителност и посветеност – икако народи, и како Црква. Да се потрудиме да бидеме достојни и одговорни наследници на Светиклиментовото дело, за да можеме да дадеме добар одговор и пред Бога, и пред историјата, порача поглаварот на МПЦ.