Во завршна фаза реновирањето на блокот „Б“ во студентскиот дом „Гоце Делчев“
Реновирањето и реконструирањето на блокот „Б“ во студентскиот дом „Гоце Делчев“ е во завршна фаза. При крајот на следната недела ќе почне етапно носење и монтирање на мебелот. Во наредните денови, пак, ќе биде распишан тендер за набавка на нови лифтови за сите студентски домови во земјата, најави денеска заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристоски.
- Реновирањето на студентскиот дом „Гоце Делчев“ е согласно динамиката и планот и во рамки на планираното. Во блокот „Б“ или блокот којшто е комплетно реконструиран и реновиран целосно се завршени сите градежни активности, мебелот е веќе во завршна фаза и во оваа прилика ми претставува задоволство да информирам дека согласно планот некаде при крајот на следната недела веќе ќе почне етапното носење и дистрибуција на мебелот. Ќе се почне од 14 спрат надолу и паралелно како што ќе се носи новиот мебел така ќе бидат префрлувани и студентите од блокот 1 во новиот реконструиран блок „Б“, изјави Ристоски.
Министерството за образование и наука веќе го заврши проектот за реконструкција и санација на блокот „А“, односно вториот следен блок за реконструкција и за него, како што соопшти Ристоски, се очекува во првата половина од ноември да се распише тендер за реконструкција и санација.
- Со тоа студентите од блок „А“ ќе бидат целосно префрлени во блокот „Б“, а блокот „А“ ќе биде целосно затворен и на него ќе почне да се работи, нормално по изборот на компанијата. Паралелно МОН за да не губиме време ги забрза сите активности и веќе сме во фаза на подготовка и на проект за останатите два блока, блоковите „В“ и „Г“ и за мензата во СД „Гоце Делчев“, рече заменик-министерот.
Проектите за нив очекува да бидат готови до Нова година, а потоа да бидат распишани тендери од страна на МОН и тие да влезат во фаза на подготовка за градежни активности.
- Мора да се има во предвид фактот дека неопходно е да постои добра организација и паралелно со градежните активности и сместувањето на студентите заради капацитетите. Ние можеме и да го затвориме целиот студентски дом, меѓутоа во тој случај повеќе од 1.300 студенти ќе останат без можност да бидат сместени. Затоа мораме да одиме етапно и со сместување и со реконструирање, истакна Ристоски, кој додаде дека е задоволен од динамиката.
Завршувањето на работите на СД „Гоце Делчев“ според Ристоски би можеле да завршат до крајот на 2016 година или почетокот на 2017 година.
- Во текот на минатата година имавме проблем од два до три месеци кога не можеше да се изведуваат градежни активности. Согласно планот и динамика реална можност постои до крајот на 2016 година, меѓутоа оптимално е да се каже дека веројатно дел и од 2017, ќе бидат завршени активностите во СД „Гоце Делчев“, рече заменик-министерот.
Информираше исто така дека во наредните неколку денови ќе биде распишан тендер за обезбедување нови лифтови не само во СД „Гоце Делчев“, туку во сите студентски домови во Република Македонија.
- Во СД „Гоце Делчев“ парцијално како што ќе биде реализирана градежната активност блок по блок така ќе бидат менувани и лифтовите. Во блокот „В“ којшто е целосно реконструиран оставен е едниот стар лифт за да се изврши транспортот на мебел, а потоа и тој да биде заменет за да не биде оштетен во процесот на пренос и обезбедување на новиот мебел, изјави Ристоски.
Како што најави премиерот Никола Груевски, интензивно се работи и на комплетната спецификација за распишување тендер за комплетно нов мебел во сите студентски домови во земјата.
Владата разгледува десетина локации за нов студентски дом, а набрзо би требало да се очекува да биде соопштено која ќе биде таа. Ристоски денеска, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека веќе имало состаноци со министерот за транспорт и врски и со повеќе градоначалници во врска со ова шрашање и оти за оваа локација се гледаат повеќе аспекти.
- Значи, се гледа од аспект на интерес на студентите, полесен пристап на студентите, потоа потенцијално после нивното престојување, но исто така и на инфраструктурната подготовка на локациите. Во оваа прилика можам да кажам дека имаме девет до 10 потенцијални локации, меѓутоа набрзо во консултации со Владата ќе ја соопштиме и финално предлог локацијата за нов студентски дом, изјави Ристоски, кој денеска беше во посета на подрачното училиште Димитар Поп Георгиев Беровски во населбата Хром
Ново на Сител
-
СДСМ предлага минималец од 450 евра, ВМРО-ДПМНЕ најде грешки во пресметката, реагираше и ССМ
-
Единствен регионален пазар – придобивки и предизвици
-
Преглед на вестите од светот
-
Филипче: Минимална плата 27.700 денари
-
Ибраимовски: Фрлена бомба врз штабот на ПЦЕР во Тетово
-
Неевидентирани лица од други општини сакаат да добијат бесплатен кров над глава во Штип
-
Расте бројот на ученици во стручното образование
-
Преглед на вестите од светот