Македонија
4. January 2017 - 15:54

За јавни зелени површини и регулации во Крива Паланка 1,3 милиони денари

Oпштина Крива Паланка од годинашниот буџет ќе издвои 1,3 милиони денари за одржување и уредување на јавни зелени површини и речни регулациски корита. Од вкупно предвидените средства за Програмата за одржување јавни зелени површини во град Крива Паланка ќе бидат потрошени 765.000 денари.

За одржување јавно зеленило, косење и собирање трева, обнова, одржување на дрвјата, одржување и кроење украсни грмушки, сезонско и трајно цвеќе, фитосанитетска заштита на растенијата, депонирање на собраниот отпад и останати задачи се планира да бидат потрошени 720.000 денари. Вкупно 45.000 денари од оваа програма ќе се издвојат за посебна активност, сечење и отстранување дрва од јавни површини по решенија донесени од комунален инспектор.

За одржување речни регулациски корита, зелени површини во рамки на регулациите на Крива и Дурачка Река наменети се околу 575.000 денари. Во овој сегмент се вклучени собирање отпад, вадење врби и дрвенеста вегетација, рачно и машинско косење трева и нејзином собирање, што ќе се реализира на вкупна површина од 97.500 метри квадратни.

Програмата ќе ја извршува Јавното комунално претпријатие „Комуналец“, Крива Паланка, а контрола и надзор ќе врши Одделението за инспекција, преку комуналната инспекција, утврдувајќи ги квантитетот и квалитетот на извршените услуги.