Македонија
25. February 2019 - 11:47

Захариева-Димитров: Заеднички интерес е Северна Македонија да е дел од НАТО и ЕУ

 Брзата ратификација на Протоколот за прием во НАТО во бугарскиот Парламент, е добар пример за тоа колку е силна поддршката на Бугарија и колку за нас е стратешки важно Северна Македонија да биде дел од Алијансата, изјави шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева по денешната средба со министерот за надворешни работи Никола Димитров во Софија.

-Се надевам дека во декември во Лондон ќе бидете полноправен сојузник и оти дотогаш ќе заврши ратификацијата на Протоколот во сите национални парламенти. Важно е во јуни да ги почнете и преговорите за членство во ЕУ, изјави Захариева.

Таа искажа и задоволство од работата на Мешовитата македонско-бугарска експертска комисија за историски и образовни прашања, но и надеж дека ќе се интензивира и бизнис соработката меѓу двете земји.

Захариева рече дека по десетгодишен прекин, во почетокот на март ќе се состане заедничката економска комисија, чија главна тема ќе биде инфрастурата. Најави и бизнис форум со учество на над 100 бугарски компании.

– Треба да ја поправиме историската неправда на лошата инфраструктура што ја имаме меѓу двете држави, треба да го стимулираме бизнисот и граѓаните од двете земји да соработуваат, да се поврзуваат и да градат пријателство врз основа на вистината, рече Захариева. На бизнисот, додаде, „му е потребна нова инфраструктура бидејќи е грев 288 километри да поминувате за четири часа“.

Бугарската министерка за надворешни работи посочи дека интересот на бугарските компании за инвестиции во Северна Македонија е двојно зголемен, а очекува таквиот тренд да продолжи и во иднина.

Министерот Димитров оцени дека по потпишувањето на Договорот за добрососедство направен е значаен напредок во соработката меѓу Скопје и Софија.

Приближувањето меѓу двете земји, вели Димитров, не треба да биде само политички, туку и економски. Тој изрази благодарност за бугарската поддршка за НАТО и ЕУ.

-Имаме интерес да бидеме многу блиски со Бугарија. Тоа е за обострана корист и затоа треба да покажеме мудрост и визија, реме министерот Димитров.

Според него, треба да се поправат сите историски грешки меѓу Бугарија и Северна Македонија за да може билатералните односи да се постават на здрави основи. Треба да направиме се, рече, двете земји да продолжат да бидат пријателски настроени.