Македонија
10. February 2016 - 16:40

Закон за скијалишта првпат во Собранието

Собранието на Република Македонија во рамки на денешното продолжение на 91. седница без расправа поддржа повеќе измени и дополнувања на закони и даде во натамошна постапка повеќе предложени закони. Пратениците расправаа по Предлог законот за скијалишта во прво читање.

Заменик-министерот за транспорт и врски Ниметула Халими истакна дека досега оваа област не е законски регулирана.

Со него се пропишува уредувањето, одржувањето и користењето на скијалиштата, правата и обврските на оние што стопанисуваат и оние што ќе ги користат, услугите, безбедост и друго.

Поддршка и позитивна оценка на предложениот закон искажа опозициската СДСМ.

Томислав Тунтев истакна дека ова е добар закон со кој се регулира нешто што досега не беше регулирано во Македонија.

Најави дека ќе дадат придонес кон подобрување на текстот во амандманската расправа и оти до второто читање ќе се организира и јавна расправа на која ќе учествуваат сите инволвирани во оваа област. 

- Законот е добра основа. Очигледно е производ на една анализа и тој ќе ги регулира сите прашања со скијањето и зимските спортови. И одлична основа за да не може понатаму да се импровизира во овој спорт во скијачките центри, истакна Тунтев.

По законското решение треба да се гласа по редовната пауза на пратениците.