Македонија
14. December 2017 - 9:25

Дводневен самит на лидерите на ЕУ во Брисел

Во Брисел денеска почнува дводневен самит на лидерите на државите членки на Европската унија  посветен на прашања за безбедноста и одбраната, соработката на ЕУ и НАТО, миграцијата, економската и монетарна политика и Брегзит.

Во првиот ден на самитот, 28 шефови на држави и влади на ЕУ ќе разговараат за јакнењето на заедничката одбранбена соработка вклучително и механизмот Трајна структурна соработка.

Во ЕУ веќе е усвоена листа од 17 иницијални проекти кои ќе ги подобрат оперативни способности на ЕУ. Во рамки на разговорите за безбедноста и соработката се очекува на лидерите на ЕУ да им се придружи и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

Попладне ќе биде разгледана ситуацијата во областа на миграцијата и ќе се разговара за идната политика на ЕУ. Се очекува лидерите на ЕУ  да постигнат договор за продолжување на економските санкции спрема Русија за следните шест месеци.

Во вториот ден од самитот челниците на државите членки ќе разговараат за моментната економска ситуација во Еврозоната и за јакнење на економската и монетарната унија.

На крајот на дводневниот самит в петок шефовите на држави и влади би требало да донесат одлука за тоа дали е направен доволен напредок во досегашната прва фаза од преговорите за излегување на Британија од ЕУ и да се почне со втората фаза од можниот транзициски период во рамки за идните односи.