Признанија за најдобрите 25 матуранти од Скопје
Признанија и награди на најдобрите 25 матуранти првенци на генерацијата од 21 скопско средно училиште, денеска во рамки на традиционалната манифестација „Средба на првиот со најдобрите“ им врачи градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски.
Градоначалникот Трајановски рече дека првенците со своите успеси и достигнувања се афирмираат самите себе, своите училишта, но и сите граѓани.
- Праксата покажува дека секој млад човек, кој бил првенец на генерација гради успешна иднина и достигнува врвни резултати на патот на својот професионален развој. Верувајте во себе и својот успех. Пречките лесно ќе ги надминете ако верувате во себе и својот успех, но ќе треба многу труд, љубов и ангажирање. Не е важно од каде доаѓате, важно е колку имате желба да учите и осознавате. Не се виновни ниту родителите, ниту останатите. Ќе имате пречки, но и многу можности да ги надминете, изјави Трајановски.
Потенцира дека најважна задача на секоја образовна институција е кај учениците да ги развива и јакне благородните творечки и креативни сили, што е патот до најголемиот дар и признание што човек може да го поседува, а тоа е знаењето.
На отворањето свој настап имаа дуото Тамара Џајковска на флејта и Симона Богоевска на харфа со композицијата „Арабеска“ и настап на вокалниот ансамбл „Симбиози“, под раководствона Бехар Весели и Дамјан Темков.
Во името на сите првенци Андријана Димитриевиќ се заблагодари за поддршката и помошта на сите кои биле сведоци на вложениот труд во изминатите години и кои го препознале нивниот квалитет и потенцијал.
- Признанието е доказ дека трудот во образованието навистина се вреднува. Ова признание ќе не мотивира во иднина да бидеме уште подобри. Горди сме на својот успех и со добивањето на ова признание чувствуваме голема одговорност и во иднина да останеме најдобри, рече Димитриевиќ.
Добитници на наградите и признанијата се Христијан Николовски и Бојан Радески од СУГС „Лазар Танев“, Марија Магдалена Лазоска од СУГС „Јосип Броз Тито“, Бојан Димоски од СУГС „Кочо Рацин“, Анастасија Демерџиева од СУГС „Георги Димитров“, Андријана Димитријевиќ од СУГС „Арсени Јовков“, Теодора Стефановска од СУГС „Здравко Цветковски“, Христина Трпчевска од СУГС „Браќа Миладиновци“, Здравко Тодоров од СУГС „Владо Тасевски“, Анета Иванова од СУГС „Димитар Влахов“, Сенад Дошљак и Хадис Фета од СУГС „Цветан Димов“, Ангел Давковски од СУГС „Михајло Пупин“, Никита Гостовиќ и Егзон Рамадани од СУГС „8-ми Септември“, Емине Идризи од СУГС „Д-р Панче Караѓозов“, Радмила Сенева и Александар Цековски од СУГС „Боро Петрушевски“, Арнен Телќиу од СУГС „Зеф Љуш Марку“, Мартин Младеновски од СУГС „Панче Арсовски“, Лазе Ѓоргиев од СУГС „Васил Антевски Дрен“, Филип Макрадули од СУГС „Орце Николов“, Маја Шареска од СУГС „Никола Карев“, Вера Димовска од СУГС „Раде Јовчевски Корчагин“ и Драгана Стојиќ од СУГС „Марија Склодовска -Кири“.
Манифестацијата се одржува по десетти пат и има за цел афирмација на знаењето и училишниот успех на првенците на генерацијата во средните училишта и да им се оддаде јавно признание за постигнатите резултати.
Ново на Сител
-
Нова кривична пријава против екс-директорот на Лотарија Перпарим Бајрами кој исто како и Артан Груби е во бегство
-
Одлуките за замрзнати цени и маржи стигнаа до Службен весник
-
Николоски: Нема да одиме против УНЕСКО за автопатот
-
Иницијативата на ЗЕЛС за општокорисна работа помина на Влада: Кои се следните чекори на работната група?
-
Уставните судии неодлучни – дали зголемениот праг за независните листи се уставни?
-
700 „фантоми“ се уште се невидливи за државата: 13-годишно девојче конечно доби извод
-
Преглед на вестите од светот
-
Николоски најавува влез на нови странски инвестиции